Од денеска повисока социјална парична помош за 30 илјади семејства

09.07.2015 12:09

Од денеска на 30-тина илјади семејства во земјава им се исплатува 10 насто повисока социјална парична помош. Од буџетот издвоени средства за реновирање и доопремување на Домот за деца без родители „11-ти Октомври“ во Скопје...

Од денеска за 10 насто повисока социјална парична помош за околу 30 илјади семејства. За реализацијата на покачувањето Владата за една година обезбеди 1,7 милиони евра. Изминативе години паричната помош за социјално ранливите категории на граѓани е зголемена за речиси 62 проценти.

„И покрај тоа што во програмата имавме зацртано оваа година да ја зголемиме социјалната парична помош за 5 проценти, во меѓувреме изнајдовме сили и средства да ја зголемиме социјалната парична помош за 10 проценти, направивме и соодветни измени на Законот за социјлна заштита, и веќе од денес на своите сметки, примателите на социјалната парична помош, односно околу 30 илјади семејства имаат добиено повисока социјална парична помош“, изјави денеска министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

При посетата на домот за деца без родители „11 Октомври“ ресорниот министер Спасов информираше дека од буџетот се издвоени издвои 1,2 милиони денари за подобрување на условите во оваа установа. Создадени се посебни станбени единици во домот, се реновира кујната, а новина е фитнес опремата.

„Бевме во посета на сите бивши Југословенски републики и во сите бевме позитивно поздравени дека кај нас има позитивни промени во однос на животниот стандард кај корисниците“, изјави Ристенка Атанасовска, директор на Домот за деца без родители „11 Октомври“.

Овој тренд на владина поддршка на социјално ранливите категории на граѓани продолжува и во иднина.

 

Сунчица Николоска