ММФ ја потврди економската стабилност, проектира раст од 3,2%
Монетарците ја потврдија макроекономската стабилност на земјава, проектиран е раст од 3,2 насто на БДП како еден од највисоките на континентот. Проценката на ММФ се заснова врз инвестициите во инфраструктурата, растот на извозот поради странските директни инвестиции и високиот кредитен раст...

Монетарците ја потврдија стабилноста на македонската економија. Очекуваат растот годинава да изнесува 3,2 процента, идентично како и во првиот квартал, поддржан од инвестициите во инфраструктурата, засиленото кредитирање, подобрените услови на пазарот на труд, зголемениот извоз.Сепак, ризиците по ова остварување доаѓаат и од внатрешна и од надворешна страна. Дома – тоа е политичката криза, екстерен фактор сеслучувањата во Грција, нешто на што во изминатиов период предупредуваа и домашните економисти.
„Имаме позититивни движења во делот на растот на БДП, Европа излезе од криза што е важно за нашите производи, има очекување дека позитивниот тренд ќе продолжи, но само ако нема екстерни влијанија или интерни, кои доаѓаат од политиката“, смета универзитетскиот професор Јован Пејковски.
Фондот нотира дека подобрувањето на бизнис – климата резултирало со привлекување нови странски инвеститори, кои го зголемиле извозот и отвориле работни места. За да направиме уште еден чекор напред, потребна е предвидлива правна рамка, подобри вештини на пазарот на трудот, олеснет пристап до кредити за компаниите.
„Ние очекуваме домашната економија годинава да забележи раст кој ќе биде еден од највисоките во Европа. Она што е работено во изминатиот период ги дава резултатите и јас очекувам годинава да биде рекордна по бројот на објавени нови странски инвестиции“, изјави Владимир Пешевски, вицепремиер за економски прашања.
Меѓународниот монетарен фонд оценува дека финансискиот сектор на земјава е стабилен, банките се добро капитализирани, Народната банка презела мерки за да се спречи прелевањето на грчката криза.
Монетарците очекуваат буџетскиот дефицит годинава да изнесува 4% од БДП и советуваат кратење на трошоците за стоки, услуги, субвенции. Со фискалната консолидација е планирано дефицитот да се намали под 3% до 2017-та година.
Во однос на долгот, ММФ посочува дека земјава во светската криза влегла со една од најниските стапки на јавен долг, а потоа долгот се зголемувал соодветно со поддршката на економијата.
Мисијата на ММФ ја скенираше Македонија во периодот од 29 јуни до 7 јули, како дел од редовните посети на монетарците на земјите - членки.
Мартин Пушевски
