Со воена вежба на Криволак заврши летниот кампус на питомците
Со воена вежба, преку замислено сценарио за вклученост на меѓународните сили за поддршка на мирот во медијација меѓу две завојувани страни, на Криволак заврши 10-дневниот летен кампус на околу 200-те питомците од 10-земји. Добра можност да се споделат искуствата, но и на терен да се презентира наученото во училишните клупи...

Конфликт меѓу две страни, вклученост на воените меѓународните сили на НАТО и Обединетите нации и справување со урбан тероризам. Питомците од повеќе воени академии на полигонот Криволак го презентираа досега наученото.10 дена обука,тренинзи,практични вежби, но и запознавање со различните култури.
„Ова беше добра можност не само да научиме едни од други за различните култури,туку и да се подготвиме за лидерство како идни офицери“, вели Керолајн Дакто, питомец во армијата на САД.
Во реална ситуација, за сите активности на мировните сили навремено треба да биде известена и јавноста, за да нема шпекулации.
Дел од питомците од другите држави за првпат се соочија со оружјето и влегоа во тактичка обука со „Хермелините“ на македонската армија. Голем придонес за да се совладаат пречките во обуката имаа инструкторите од АРМ.
„Ги избиравме сценаријата со кои во реални ситуации би се соочиле питомците во операции за поддршка на мирот,предводени од НАТО, од ОН и од ЕУ. Мислиме дека преговарањето е една од важните работи за нашите учесници во операциите за поддршка на мирот“, изјави потполковник Никола Клетников, Воена академија- Скопје.
Првиот човек на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“, полковник Поповски вели дека е горд и задоволен што по 6-ти пат преку вежба и симулација идните старешини го покажале она што знаат.
„Дојдоа овде и ја прифатија програмата. Како пример ќе кажам, од САД имаме 24 питомци од 24 различни универзитети. Ова не можам никако поинаку да го прифатам освен како признание на институцијата што ова го прави“, нагласи полковник Орце Поповски, декан на Воената академија- Скопје.
Кон крајот на месецов треба да биде објавен новиот конкурс за прием на кадети на Воената академија, на која веќе неколку години по ред студираат питомци и од Босна и Херцеговина, Црна Гора и од Косово.
Милчо Велески
