Македонската економија меѓу најдобрите во светот
Меѓународниот монетарен фонд го објави извештајот за глобалната економија. Се очекува умерен раст и негово благо зголемување в година. Македонија е вклучена во групата на најдинамични економии...

Во најновиот светски економски преглед на Меѓународниот Монетарен Фонд се предвидува 3,2% раст за Македонија во 2015-та година. ММФ оценува дека добрата бизнис клима придонела за привлекување странски инвестиции, зголемен извоз и нови работни места, но како ризици ги оценува политичката неизвесност на домашна сцена и кризата во Грција. Директорот во ММФ и автор на две програми за Грција, Оливие Бланшард оценува дека ситуацијата со нашиот јужен сосед нема значително да влијае на светската економија.
„Грција учествува со помалку од 2 процента од бруто домашниот производ на еврозоната и помалку од половина процент од светскиот бруто домашен производ. Секако, продолжуваме да се надеваме и работиме на договор што ќе и овозможи на Грција да остане во еврозоната. Нема сомнение дека Грција страдаше и се уште страда, но веројатно ќе страда уште повеќе ако излезе од еврозоната“, изјави Оливие Бланшард, главен економист во ММФ.
Светската економија бележи просечен раст, но и забавување кај економиите во развој и земјите од Јужна Америка.
„Прогнозите за економскиот раст што ги имаме се 3,3 проценти за 2015-та и 3,8 проценти за идната година. Со ова се гледа дека растот во просек е умерен на светско ниво“, нагласува Бланшард.
Прогнозите на ММФ се дека Шпанија излегува од кризата и оваа година ќе оствари раст од околу 3 проценти, Кина 6,8 проценти, САД 2,4 проценти и раст од 1 до 2 проценти во земјите членки на Европската Унија.
Според ММФ, Порторико би можел да стане нова Грција, а Бразил и Русија ќе имаат негативен економски раст оваа година.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
