Викторија Нуланд во посета на Македонија
Се очекува Нуланд да оствари средби и со претставниците на политичките партии до кои од Дубровник упати повик да ја искористат можноста што им се нуди и да го спроведат договорот за нормализирање на политичката состојба...

Американскиот помошник државен секретар Викторија Нуланд, задолжена за европски и евроазиски прашања е во посета на Mакедонија. Таа веќе се сретна со министерот за надворешни работи Никола Попоски, а потоа ќе има состанок и со претставници на политичките партии. Како што претходно најавија од Министерството за надворешни работи, на средбата било разговарано за досегашниот развој на односите меѓу двете држави втемелени во декларацијата за стратегиско партнерство и соработка, како и за взаемно истакнатиот интерес за нивно натамошно заедничко унапредување во сите области.
Се очекува Нуланд да оствари средби и со претставниците на политичките партии до кои од Дубровник упати повик да ја искористат можноста што им се нуди и да го спроведат договорот за нормализирање на политичката состојба.
„Нашата порака до Македонија е еднакво цврста. Пред вас е голема можност за единство и просперитет. Пред вас е членство во НАТО и во Европската унија. Но, големите политички партии мора да престанат да се расправаат и да појдат по патот на демократски реформи кој еврокомесарот Јоханес Хан го подготви со поддршка од Соединетите Американски држави, а потоа да се фокусираат на решавање на спорот за името со Грција. Немојте да ja пропуштите овaa можност“, порача Нуланд во своето обраќање во Дубровник.
Утре е најавено и доаѓањето на еврокомесарот Јоханес Хан кој ќе се обиде да издејствува договор меѓу политичките лидери во земјата за ставање крај на политичката криза.
