Нуланд: Сега е време кризата да заврши
Американскиот помошник државен секретар Викторија Нуланд задолжена за европски и евроазиски прашања беше во еднодневна посета на Република Македонија. Се сретна со премиерот Груевски и шефот на дипломатијата Попоски. Нуланд со порака: САД поддржуваат изградба на силно, единствено и демократско општество интегрирано во ЕУ и во НАТО и затоа е време да се стави крај на политичката криза...

Зачленувањето во НАТО и приемот во Европската унија, надминување на спорот со името, но и завршување на политичката криза во земјава биле темите за кои разговарале премиерот Никола Груевски и заменикот дрржавен секретар на Стејт департментот Викторија Нуланд. На исклучително пријателската средба фокусот бил ставен на реформите. За Македонија, стратешка определба е поскорото членство во НАТО и отпочнување на разговорите за членство во Европската унија, посочил премиерот Груевски. Критериумите за членство во НАТО се исполнети и учеството на македонските мировници во мисиите ни даваат потполно право да инсистираме на итно надминување на пречките кои стојат за зачленување во Алијансата, посочил Груевски.
„Евроатлантските вредности ни се водилка во разрешувањето на тековните политички премрежија чие решение е единствено можно како правен институционален и политички процес во согласност со уставниот поредок и воспоставените начела на демократија и владеење на правото“, изјави премиерот Никола Груевски.
САД е пријател и партнер на Македонија веќе 20 години и за тие 20 години ние ја поддржуваме и охрабруваме евроатланската интеграција на Македонија,рече американскиот заменик државен секретар. Нулад со став дека решението на кризата треба да се бара во договорот кој лидерите на четирите најголеми политички партии го постигнаа на 2-ри јуни, со посредство на еврокомесарот Хан.
„Како што рече премиерот, политичката криза стана многу тешка и затоа лидерите тука треба да се фокусираат на оние цели за да ја надминеме. Сега е времето оваа криза да заврши, САД се заложува и работи со ЕУ, со амбасадорот Бејли кој работи заедно со еврокомесарот Хан за да партиите преку пакетот реформи ја вратат Македонија на евроатлантскиот пат преку добро владеење на правото и слободата на медиуми“, изјави Нуланд.
САД и Македонија имаат континуиран дијалог и соработка иако економската заостанува и потребно е да се работи на нејзино проширување- заклучиле Нуланд и Груевски иако роуд шоуата на македонската влада допринесоа американски компании да започнат со работа во Македонија и да отворат свои капацитети.
Потребен е конструктивен пристап кон разговорите меѓу Македонија и Грција за спорот со името, а добар чекор е неодамнешните договорени мерки за јакнење на довербата.
Нуланд разговараше и со министерот за надворешни работи Попоски, со лидерите на ДУИ и ДПА, Ахмети и Тачи, а се сретна и со претседателот на Социјал- демократите Заев. Важно за граѓаните на Република Македонија е враќање на слободата и демократијата и обезбедување и заштита на човековите права, пишува во соопштението на СДСМ.
Миле Ристески
