Македонски камионџии протестираат на Српско- хрватската граница, трпат штети поради застојот!

24.09.2015 09:57

Tри камиони кои превезувале расиплива стока ги паркирале своите транспортни возила во граничниот меѓупростор меѓу Батровци и Бајаково, незадоволни од повеќедневниот престој на границата поради што нивната стока почнала делумно да се расипува...

Движењето преку границата меѓу Србија и Хрватска на преминот Батровци е целосно запрено за сите превозни средства, а патот е блокиран од товарни возила, соопшти Автомотосојузот на Србија. Граничниот премин Шид е отворен за патнички автомобили и автобуси, но со селективно пропуштање на граѓаните од страна на хрватските власти. Сите останати гранични премини со Хрватска се затворени.

Незадоволни возачи на камиони од Македонија на преминот Батровци, утринава го блокирале патничниот сообраќај за влез во Хрватска, јавува српската новинска агенција Танјуг.

Според информациите, три камиони кои превезувале расиплива стока ги паркирале своите транспортни возила во граничниот меѓупростор меѓу Батровци и Бајаково, незадоволни од повеќедневниот престој на границата поради што нивната стока почнала делумно да се расипува.

„Немаме ништо во близина, има една бензинска, од неа се снабдуваме, но тоа се многу лоши услови, има многу возила, многу народ, а никој не дошол да реагира, да праша, дали имаме вода, храна... Времето е топло, не се издржува, не станува збор за саат- два, со денови сме тука, 3-4 дена сум тука и уште доаѓаат камиони, така што и да не пуштат, уште два дена нема да заминиме...“, велат превозниците со кои вчера контактираше МТВ.

Од здржението на камионџии „Макамтранс“ изјавија дека најголема штета од затворањето на хрватската граница ќе претрпи македонската економија, транспортерите и земјоделците, бидејќи во овој период од годината, најмногу се пренесуваат свежи производи наменети за европските земји.