Белгиски компании заинтересирани за инвестиции во Македонија
Над 100 белгиски компании синоќа во Антверпен се запознаа со бизнис поволностите за инвестирање во Македонија. Најавени нови инвестиции...

Пред повеќе од 100-тина компании во белгиски Антверпен се претставени бизнис можностите за инвестирање во Македонија. Компаниите искажале голем интерес за инвестирање, а се очекува во следниот период неколку од нив и да остварат посета со цел да се уверат во условите кои Македонија им ги нуди на странските компании. Ниското даночно оптоварување, добрите административни услови, квалитетната работна сила, и добрата логистика и инфраструктура се причините поради кои белгиските компании покажале интерес за инвестирање.
„Има интерес за условите што ги нуди Македонија, како ниското даночно оптоварување, добрите административни услови, ослободувањето од даноците во делот на зоните, квалитетната работна сила, и добрата логистика и инфраструктура што ја нуди нашата земја, како и можностите кои ги даваме како земја во која континуирано се спроведуваат реформи за подобрување на бизнис климата. Очекувам во следните два- три месеци да имаме неколку посети врз база на тоа што го разговаравме со бизнисмените и нивниот интерес и дел од тие посети да резултираат со нови инвестиции и отворање на нови работни места “, изјави за МРТ вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Според вицепремиерот Ставрески, присуството на „Ван Хул“ како една значајна фирма од Белгија во Република Македонија, помага во привлекувањето инвестиции од овој регион, бидејќи компаниите гледаат дека има успешна инвестиција во Република Македонија која ќе привлече нови инвестиции.
„Пред два дена почнавме со нова инвеститорска програма која ја продолжуваме во македонија. Во меѓувреме, ги убедуваме и другите белгиски инвеститори да дојдат во Македонија и тие веќе одлучија да вложат во земјата. Ние со македонците имаме ист менталитет, но ми се допаѓа што таму има обучена работна сила и особено нивната флексибилност во работењето“, вели Филип Ван Хул, сопственик на компанијата „Ван Хул“.
Белгија е меѓу десетте најголеми трговски партнери на Македонија. За првите 10 месеци од оваа година, трговската размена со Белгија изнесува 155,9 милиони долари, од кои 101 милиони отпаѓаат на извозот од Македонија. Минатата година трговската размена пораснала за 9,6%, додека извозот од Македонија во Белгија бележи раст за 3,4%.
