„Технохозе“ отвора втор погон во Македонија

01.02.2016 15:58

Заврши изградбата на новите погони на италијанската „Текнохозе“ во Бунарџик. Инвестицијата од 10 милиони евра треба да донесе зголемено производство и извоз, и отворање нови работни места. Од компанијата размислуваат да почнат и трета фаза од вложувањето, со што вкупниот број вработени би достигнал 300 луѓе...

Втор погон на компанијата „Технохозе“ во индустриската зона Бунарџик. Италијанскиот бренд го шири производството. Инвестира нови 10 милиони евра во капацитетот, што отвора дополнителни 100 работни места.

„Овие бројки ја потврдуваат нашата одлука за инвестирање во Македонија, државата во која верувавме и во која стекнавме пријатели кои ни овозможија да се чувствуваме како дома“, вели инвеститорот Антонио Витило.

Дополнително, за идната година е предвидена и трета фаза на инвестицијата која треба да се заокружи со 30 милиони евра и ќе ангажира вкупно 300 работници. Ќе произведува метални делови комплементарни на хидрауличните црева кои веќе се изработуваат во овие погони.

„Новата инвестиција на „Витило“ покажа дека постепено, но сигурно ТИРЗ Скопје 1 ги реализира својот потенцијал и намена - претставува првокласен индустриски комплекс во кој ќе се позиционираат инвеститори кои во Македонија ќе донесат нови технологи, ќе ја намалат невработеноста, ќе придонесат за зголемување на извозот и ополнително промовирање на државата“, изјави директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо.

„Инвестицискиот циклус во Македонија евидентно зема се поголем замав. Во изминатите 60 дена неделно се отвораат две до три инвестиции. Нови, втори фабрики минатата недела најавија и компаниите Џонсон Контролс и Ван Хол во кои ќе се вработат околу 2.000 лица“, рече вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Технохозе е присутна во Македонија од 2011-година. Произведува високо притисни гумени армирани црева, кои имаат примена пред сѐ во градежништвото и во автомобилската индустрија. Производството е наменето за извоз, најмногу на пазарите во земјите од Југоисточна Европа и Русија.

 

Анита Димитријевска