Со подобрување на вештините до ново работно место

22.02.2016 15:36

Бесплатни обуки за компјутерски вештини и за странски јазици, за млади до 29 години. Агенцијата за вработување го објави огласот. Предвидено со оваа мерка од оперативниот план да се опфатат 2 илјади млади луѓе...

Сите невработени до 29 години, кои имаат завршено минимум средно образование, можат да аплицираат на огласот за обуки за странски јазици и компјутерски вештини. Со мерката ќе бидат опфатени 2.000 луѓе. 

„Сите оние лица кои се евидентирани како активни невработени лица, или пак не се а сакаат да учествуваат во обуката, можат слободно да дојдат во еден од центрите да се евидентираат, да пополнат апликација за обуката која што сметаат дека им е потребна“, вели Слободанка Алексовска, раководител на Центарот за вработување- Скопје.

За реализација на обуките, државата има обезбедено 12 милиони и 400 илјади денари.

„Би сакал да ги поттикнам сите лица кои сакаат да ги зголемат своите вештини да аплицираат на објавените огласи да ја искористат оваа шанса бидејќи се поголем број работодавачи во Македонија при селекцијата на лицата кои ќе ги ангажираат или вработат бараат тие да имаат основни познавања за компјутерски вештини и странски јазици“, изјави заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Единствен критериум при селекцијата на оние кои ќе можат да посетуваат некоја од обуките ќе биде социјалниот статус, односно висината на примањата во семејството.

 

Александра Перевска