12 милиони евра од ЕБРД за енергетско поврзување на Македонија и Албанија
Под покровителство на Европската банка за обнова и развој во Лондон се одржува вториот инвестициски самит на земјите од регионот на Западен Балкан. Највисоките владини претставници од Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Косово, Црна Гора и Србија разговараат со инвеститорите и бизнисмените за реализација на приоритетни проекти во инфраструктурата и енергетиката, како и за завршување на приватизацијата.

Европската унија ја потврди определбата да обезбеди 12 милиони евра грант, поддршка за изградба на 400 киловолтниот далновод меѓу Македонија и Албанија. Овој проект на МЕПСО ќе овозможи полесен транзит на електрична енергија и ќе ги поврзе пазарите на Бугарија, Македонија, Албанија, Црна Гора и Италија. ЕБРД обезбеди 37 милиони евра за реализација на проектот што ќе ја поттикне реагионалната интеграција на пазарите на енергија на Западен Балкан. На самитот беше промовирана и регионалната платформа за тргување во која се вклучени Македонската, Бугарската и Хрватската берза на хартии од вредност. Определбата за влез во проектот во Лондон официјално ја потврдија и Белградската и Љубљанската берза. ЕБРД е еден од најголемите инвеститори во Западен Балкан и лани биле пласирани околу милијарда евра во различни проекти во енергетиката, банкарството, инфраструктурата и земјоделството.
„Регионалната соработка сега е реалност и тоа е сведоштво за новопостигнатата зрелост и стабилност на регионот. Интензивирањето на регионалната соработка е еден од најголемите достигнувања на земјите од Западен Балкан, демонстрација на новата визија на нејзините политички лидери“, изјави Сума Чакрабарти, претседател на Европската банка за обнова и развој.
И покрај мигрантската криза и растечкиот национализам, земјите од регионот на Западен Балкан треба да соработуваат меѓусебно зашто имаат што да им понудат на потенцијалните инвеститори, велат од Европската банка за обнова и развој.
Претседателот Чакрабарти најави дека банката е решена да ја задржи водечката улога на патот за инвестирање во Западен Балкан и да помогне во креирање поволна бизнис- клима и услови за вложување.
Вториот инвестициски самит за Западен Балкан во Лондон го организираше ЕБРД и имаше цел да ја афирмира соработката меѓу земјите во реализација на инфраструктурни проекти од заеднички интерес.
Свето Николовски
