Пропадна уште еден обид за разгледување на извештајот на СЈО

23.03.2016 16:14

Ѓорчев и Аневски упорни да ја донесат Јанева на отчет за извештајот во Собранието и во Советот на јавни обевнители. Специјалната обвинителка упорно не доаѓа. Продолжуваат реакциите за нејзината изјава за нелегитимност на институции...

„Оваа Комисија и ова Собрание како највисок дом на оваа држава, не може да го разгледува овој извештај без присуството на подносителот на извештајот“ - рече претседателот на Комисиајта за политички систем, Влатко Ѓорчев.

Пропадна уште еден обид на собраниската Комисија за политички систем  да го разгледа на извештајот на специјалното обвинителство. Нова седница е закажана за утре. Иако Катица Јанева изјави дека нема намера усно да го образложува извештајот, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека специјалната обвинителка има законска обврска за својата работа да му реферира на Законодавниот дом.

Јанева денеска не се појави ниту во Советот на јавните обвинители што беше причина претседателот Аневски да ја одложи седницата за понеделник.

„Заклучивме дека е нужно обвинителката Катица Јанева да дојде и да присуствува заради разјаснување на некои работи што ни се нејасни. Сметаме дека мора да дојде и денеска за тоа ќе добие писмена покана“, изјави Петар Аневски, претседател на Советот на јавните обвинители.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, со реакција за изјавата на Јанева дека е нелегитимен изборот на шефот на државата, уставниот суд и пратениците.

„Изјавата на Јанева е многу опасна и сериозно штетна за државноста. Според таа изјава значи Македонија нема институции, претседател, Собрание, Влада, Уставен суд… Значи дека оваа држава не постои“, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

Претседателката на Уставниот суд, Елена Гошева ги оцени како неприфатливи и неодговорни изјавите на специјалната обвинителка.

Изјавите на Катица Јанева насочени кон негирање и деградирање на постојните државни органи и институции во Република Македонија истакнувам дека се неприфатливи, неодговорни и компетенциите на ова лице во вршењето на работите кои и се дадени во надлежност тоа не го дозволуваат, вели Гошева во писмената реакција.

Уставната судијка наведува дека со таквите изјави, Јанева ја компромитира својата улога во обвинителството.

 

Анита Димитријевска