На 600 пациенти годишно им се дијагностицира рак на дебело црево
Поразителни се податоците што кај две третини од заболените од рак на дебело црево, болеста се открива во напредна фаза. Раната дијагноза е најважна, главните ризик фактори се лошите животни навики, дебелината, пушењето и алкохолот, велат лекарите. Проблем е што болните се лекуваат со застарена терапија, на позитивната листа ги нема последните генерации на лекови.

На околу 600 пациенти годишно им се дијагностицира рак на дебело црево. Кај повеќето од половина од нив болеста се открива во напредна фаза. Лекарите велат дека голем проблем е тоа што болните се лекуваат со застарена терапија, а доколку на позитивната листа ги има последните генерации лекови би се продолжил животот на болните.
„Сеуште ни требаат лекови од поновите генерации кои што го менуваат преживувањето, го менуваат периодот до прогресија на болеста, овозможуваат подолготрајно преживување со подобар квалитет на живот. Тоа е аспектот каде што во моментов ние таа битка ја губиме“, изјави д-р Милан Ристески, директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија.
Во однос на хируршкиот дел пак, земјава е рамо до рамо со европските центри. Според лекарите раното откривање на болеста е најважно.
„Сеуште тоа не е доволно во ниту една земја, нормано ниту во Македонија. Сите напори што ги правиме, ги правиме да се стави појак акцент на свеста и да се подобрат условите кои овозможуваат порано да ги откриваме и лекуваме овие болести“, вели проф. д-р Никола Јанкуловски, абдоменален хирург.
За три години, 22 илјади граѓани направиле скрининг, откриени се 30 карциноми на дебело црево.
„Оваа бројка не е задоволителна не сме задоволни, треба многу повеќе лица да се јавуваат на овој скрининг кога веќе ги имаме бесплатните тестови. Сега размислуваме на осовременување на скринингот, дали и понатаму да оди преку матичните лекари или дополнително со допис на име на пациент да го повикаме на преглед, едноставно да го зголемиме процентот на луѓе кои ќе сакаат да се јават на овој скрининг“, изјави д-р Јованка Костовска, раководител на Сектор за превентивна здравствена заштита.
Ризик фактори кои влијаат за појава на рак на дебело црево се лошите животни навики, дебелината, пушењето и алкохолот. Лекарите советуваат за здрав начин на живот.
Андријана Атанасовска
