Операта „Турандот“ премиерно во Македонската опера и балет
Режисер, сценограф и костимограф на операта е Италијанецот Џанкарло дел Монако, диригент е неговиот сонародник Џанлука Мартиненги, а насловната улога ќе ја игра сопранистката од Холандија Габриеле Мулен.

Македонската опера и балет вечер премиерно ќе ја изведе операта во три чина „Турандот“ од Џакомо Пучини. Таа е една од најпопуларните опери на италијанскиот композитор која МОБ ја обновува по 14 години од првата изведба во Македонија, со нова авторска и солистичка екипа.
Режисер, сценограф и костимограф на операта е Италијанецот Џанкарло дел Монако, диригент е неговиот сонародник Џанлука Мартиненги, а насловната улога ќе ја игра сопранистката од Холандија Габриеле Мулен.
Директорот на МОБ Игор Дурловски на прес-конференција најави дека обновената „Турандот“ ќе биде спектакл со 200 луѓе на сцена. - Се надевам дека вакви имиња ќе продолжиме да носиме во МОБ и дека секоја наредна продукција ќе биде како оваа за „Турандот“, истакна Дурловски.
Режисерот Џанкарло дел Монако, син на познатиот тенор Марио дел Монако, е задоволен од процесот на соработка со екипата на МОБ и рече дека идејата за овој проект е од пред три месеци. Поканата да дојде во Скопје ја прифатил од својот пријател Дурловски со кого се познава 15-ина години и од времето на нивната кариера во Германија.
