Тодоров: 200 милиони евра за капитални инвестиции во здравството

25.03.2016 16:22

200 милиони евра за 10 години инвестирани во здравството- Никола Тодоров, вели дека најголем успех се основањето на првата Државна кардиохирургија, изградбата на ПЕТ центарот, новата Детската болница- Козле, како и Детската кардиохирургија...

Во изминатите 10 години инвестиравме 200 милиони евра во изградба и реконструкција на болници и набавка на нова медицинска опрема, а во тек се инвестиции од 42 милиона евра, рече Никола Тодоров во отчетот за сработеното. Како најголем успех ги истакна основањето на првата Државна кардиохирургија, изградбата на ПЕТ центарот, новата Детската болница – Козле, како и основањето на Детската кардиохирургија каде што интервенциите ги вршат лекари од САД што обучуваа нашите лекари.

„Само од 2014 година до денес во нова опрема се инвестирани нешто над 15 милиони евра. Значително поквалитетни и подостапни здравствени услуги за граѓаните низ целата држава се овозможени со набавката на нова медицинска опрема која се состои од апарати за компјутерска томографија, мамографи, дигитални рендген апарати, ЕХО-апарати, гинеколошки 4Д ЕХО-апарати, магнетна резонанца, дензитометри, ангиографи итн“, изјави Никола Тодоров, член ИК на ВМРО- ДПМНЕ.

Според Тодоров од големо значење за здравството се и проектот „Мој термин“, специјализациите во станство за околу 2.200 лекари, рурален доктор, бесплатното ин- витро, терапијата за ретки болести падна на товар на државата, а зголемена е капитацијата за 2.800 матични лекари и стоматолози. Како што рече Тодоров, европскиот здравствен потрошувачки индекс за 2014– та го рангираше македонското здравство на 16-то место во Европа.

Викторија Милевска