Развој на бизнисот: Се бараат подобри услови за кредитирање

25.03.2016 16:48

Со јасна визија до поголем развој- се бараат подобри услови за кредитирање. Вицепремиерот Пешевски беше во посета на една домашна успешна фирма што извезува во Европа...

Малите приватни фирми можат да се развиваат доколку имаат јасна визија што сакаат да станат. Искуството покажува дека за дваесеттина години може да се израсне од  микро фирма со двајца вработени и позајмени средства, до групација со педесеттина вработени. Производството да завршува на пребирливиот европски пазар, задоволувајќи ги најстрогите светски стандарди. Се размислува за нови производни програми и проширување на производството. Затоа се бараат подобри услови за кредитирање.

„Да ни се помогне во обезбедувањето на инвестициони кредити со подолг рок на отплата. Да бидат на минимум 20 години“, изајви Богослав Ангелоски, основач и сопственик на Ариљеметал- Скопје.

Досега повеќе приватни компании користеле средства преку кредитната линија на Европската инвестициска банка и проектот „Македонија вработува“. Локалните власти преку формирање бизнис клуб оствариле директна комуникација компаниите што овозможува подобрување на бизнис климата и создавање услови за нови инвестиции.

„Корисници се на кредитната линија од ЕИБ со каматна стапка од 5,5 процентни поени, преку која досега во Македонија се пласирани 350 милиони евра и се креирани речиси 7.000 нови работни места“, вели вицепремиерот за економија Владимир Пешевски.

„Општината придонесува во делот на носење планови за нови развојни зони и следниот период планираме две нови индустриски зони во општина Гази Баба, носење на плански документации. Со тоа ќе им овозможиме да ги прошират своите капацитети“, изјави Тони Трајковски, градоначалник на Гази Баба.

Сѐ повеќе домашни фирми, меѓу кои голем дел мали и средни, имаат добра соработка со фирмите на странските инвеститори во зоните. Следен чекор е проширување на соработката и зголемување на испораките и извозот, вели вицепремиерот Пешевски.

 

Свето Николовски