Тутунарите ќе инкасираат 76 милиони евра приход
Тутунот и натаму останува земјоделска култура број еден во земјава. Производителите од откупувачите и од државата преку субвенции ќе инкасираат вкупно 76 милиони евра. Од Стопанската комора велат дека и покрај турбуленциите, производството е стабилно и е во просек од околу 24 до 25 илјади тони тутун годишно.

Тутунот и натаму останува земјоделска култура број еден во земјава за околу 40.000 семејства. Тие од откупувачите и од државата преку субвенции ќе инкасираат вкупно 76 милиони евра приходи. И покрај турбуленциите производството е стабилизирано во просек на околу 24- 25 илјади тони тутун годишно.
„Оваа година се постигна извонредно висока просечна цена при откупот на тутунот од 185 денари за килограм, што претставува дури 58% повеќе во однос на претходната година, кога имавме 117 денари“, вели Васко Ристовски, Здружение на тутунска индустрија при Стопанска комора на Македонија.
Годинава се откупени 19.000 тони тутун или четвртина помалку од лани, а и бројот на склучени договори е намален за 6.000. На име на субвенциите производителите ќе добијат 19 милиони евра.
„Оние 60 денари ни ги покриваат трошоците во самото вложување во тутунопроизводството, и останува чист бенефит“, смета Данчо Милески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија на Македонија.
Од извозот на тутун земјава лани инкасира речиси 107 милиони долари, што е за 4% помалку од претходната година. Се очекува стабилизирање на засадените површини на количеството тутун и на цената.
„Се очекува да има околу 7.000 хектари насадено тутун, со околу 11.000 тутунопроизводители на тутун. Ќе биде на ланското ниво. Мислам дека оваа година добро помина тутунот“, изјави Коста Дурланов, раководител на подрачна единица на Министерство за земјоделство- Прилеп.
Од комората велат дека земјава нема да го прифати барањето на Светската здравствена организација за замена на тутунот со друга земјоделска култура. Тоа е неисплатливо за земјоделците, а не одговара ниту квалитетот на земјиштето за одгледување други култури.
Свето Николовски
