Отворена изложбата „Ана Франк- лекции за сегашноста“ во Прилеп

29.03.2016 11:42

Преку изложба на фотографии и филм, младите ја учат, но и ја пренесуваат пораката никогаш да не се повторат ужасите од Втората Светска војна и холокаустот на евреите. Во Прилеп отворена изложбата „Ана Франк- лекции за сегашноста“. Изложбата ќе ја видат покрај младите од Македонија, и од Хрватска, Босна и Херцеговина и од Србија...

Таа е симбол на страдањата, на ужасите од Втората Светска војна врз еден народ, но и показ за сегашноста и како не треба биде. За Ана Франк, еврејското дејвоче кое засекогаш ги забележа човечките страдања во својот дневник треба да знаат новите генерации, констатираа прилепските млади преку изложбата „Ана Франк- лекции за сегашноста“.  Тие се водичи за посетителите и им ја раскажуваат приказната на сите млади од овие простори.

Таа ни опишува за нејзиното трагично живеење, на сите Евреи и за ужасниот период за сите Евреи. Но, таа сепак ни дава дека животот може да биде подобар и да се радуваме на сето она што го имаме денес“, вели средношколката Александра Илиеска.

На 39 панели е опфатен животот на Ана Франк, на Евреите и холокаустот. Забележана е и поблиската историја на Македонија.

„Има за цел да ги научи и да ги запознае младите, пред се, со Вторта светска војна, со Холокаустот. Сакавме подетално да навлеземе за некои нивни размислувања и ставови, пред сѐ, во однос на тоа како треба да се третираат луѓето, како да се запазат и да се зачувааат човековите права и слободи, процесот на демократија и сите оние злосторства повеќе никогаш да не се повторат“, изјави Димитар Низамовски од Младински образовен форум.

Пораката за самосвесноста и денешнината преку изложбата ја анимира  и прилепскиот Центар за култура.

„Сакаме на еден начин да придонесеме за едукацијата на младата популација во нашиов град“, вели Каролина Мицевска од Центарот за култура „Марко Цепенков“.

Изложбата во Македонија е дел од проектот „Хисторија, Историја, Повјест – Лекции за денес“, а организатори се „Младински образовен форум“ и Куќата на Ана Франк од Амстердам. Ќе ја видат младите од Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина и од Србија.

 

Елизабета Митреска