Австријци ќе купуваат недвижности во Охрид

29.03.2016 13:51

Австријци ќе купуваат куќи и станови во Охрид. Тие се воодушевени од убавината на градот, езерото и природата што го опкружува македонскиот бисер. Дел од заинтересираните инвеститори ќе дојдат во мај, а претходно Охрид ќе ги претстави своите туристички потенцијали во Виена...

Австријци се заинтересирани за купување на имоти на брегот од Охридското Езеро. Тоа доаѓа како резултат на презентацијата на Охрид пред помали групи видни личности од Виена во изминатите три месеци, кои биле воодушевени од културно-историското наследство и природното богатство на охридскиот регион.

„За тие нивни интереси веќе подолго време преговараме со нашата почесна конзулка Сузане Родлер, која што веднаш после оваа презентација на Охрид во Виена, отприлика во мај ќе носи поголема група, ќе биде предводник на една поголема група на високопозиционирани претставници на виенското општество“, изјави градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Австријците пројавиле голем интерес за Охрид и како туристичка дестинација поради што е договорена голема промоција на туристичките потенцијали која ќе се одржи на 22 април во Виена.

„Сметам дека оваа презентација е една од поголемите во овие три години  кои што ние ги организиравме и значително ќе придонесе за развој на нови можности во делот на туризмот“, вели градоначалникот Бакрачески.

Се очекува уште ова лето на охридското крајбрежје да допатуваат поголем број туристи од Австрија. Доколку се исполнат најавите на поголемите туроператори од Холандија, како и од другите западноевропски и балкански земји Охрид најверојатно ќе ја оствари најуспешната туристичка сезона, барем кога се работи за странските туристи.

 

Сашо Нелоски