Одложена расправата за измените во Законот за кривична постапка

29.03.2016 15:13

Одново остри тонови на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците. Таа требаше да расправа за измените во Законот за кривична постапка, предложени од ВМРО- ДПМНЕ и од ДУИ. Но два пати беше одложувана поради реакциите на СДСМ, откако на седницата не се појави претставник од владата. Процедуралните забелешки беа оневозможени од пратениците на СДСМ, кои се противат на носењето на измените, со кои како што велат, треба да се оневозможи работата на Специјалното јавно обвинителство...

Високи тонови, партиски препукувања. Уште незапочната, се одложи комисиската расправа за измените на Законот за кривична постапка. Пратениците на СДСМ инсистираа на собраниската комисија освен предлагачите на законот пратениците Светлана Јакимовска и Муса Ибраими да се појави и претставник на Владата и да ја образложи потребата зошто се носат измени на системски закон по скратена постапка.

Пратениците од мнозинството се повикаа на праксата од работата на Комисијата кога претходно се разгледувале слични закони, и не било задолжително присуство на владин претставик.

Поради сѐ погласните дофрлувања од место и со образложение дека нема услови за работа, претседателот на комисијата ја одложи седницата.

Со новите измени на ЗКП, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ предлагаат да се пролонгира рокот од 15 на 90 дена за одбраната во кривичната постапка да поднесе докази. Измените предвидуваат и обврска на обвинителот пред да поднесе обвинение да го извести осомничениот дека почнува истражна постапка и да му приложи собраните докази против него.

 

Анита Димитријевска