Регионална берзанска платформа: Ќе се тргува со околу 400 акции
Промовирана е регионалната електронска платформа „СЕЕ Линк“ преку која ќе може да тргуваат брокерски куќи поврзани со Македонската, Бугарската и Хрватската берза. Ќе се разменуваат налози за тргување со околу 400 акции котирани на трите берзи. Проектот го поддржа Европската банка за обнова и развој со грант од 540 илјади евра, а наскоро ќе се приклучат и Белградската и Љубљанската берза...

Се окрупнува регионалниот пазар на капитал. Преку заедничка електронска платформа се здружија Македонската, Бугарската и Хрватската берза. Пазарната капитализација достигнува 30 милијарди долари, а ќе може да се тргува со околу 400 акции што котираат на овие берзи.
„На македонските финанасиски посредници ќе им се отворат нови канали за деловни можности, односно инвестирање во странски хартии од вредност“, изјави првиот човек на Македонска берза, Иван Штериев.
„Следната цел е и порамнувањето, клирингот на сите зделки што се случени, да се дојде до еден униформен механизам, кој ќе биде еднаков за сите учесници на платформата“, додава Иван Такев од Бугарската берза.
„Не само што верувам дека ова ќе биде успешна платформа од почетокот, туку мислам и дека ќе донесе многу подобра иднина“, вели Ивана Гажиќ, Загребска берза.
Со грант од 540 илјади евра проектот го поддржа Европската банка за обнова и развој, а 80.000 е влогот на трите берзи.
„Поврзувањето е многу важно за развојот на пазарот на капитал во целиот регион“, нагласи Јацек Кубаш, Европска банка за обнова и развој.
Ќе бидат воведени и два индекса кои ќе ги сочинуваат акциите на 10 најликвидни компании кои котираат на трите берзи. Најавено е и скорашно приклучување кон платформата на Љубљанската и на Белградската берза.
Свето Николовски
