„Тврдина“- нов случај на СЈО

30.03.2016 12:45

Специјалното јавно обвинителство сомничи три лица за уништување опрема за прислушување, вредна 10 милиони евра.

Специјалното јавно обвинителство  информира дека повело истражна постапка за трет случај под име „Тврдина“, поврзан со незаконско следење на комуникациите со користење опрема и уреди за следење, кои биле во сопственост на МВР.

Специјалното јавно обвинителство сомничи три лица за уништување опрема за прислушување, вредна 10 милиони евра. Двајца се началници од Одделот за безбедност и контраразузнавање при МВР, кои, според СЈО, заедно со тогашниот министер за внатрешни работи на почетокот на 2015 пречекорувајќи ги надлежностите и искористувајќи ја својата положба со еден началник на еден од одделите во МВР, уништиле средства за следење на комуникации и со тоа нанеле штета на државата во висина од 10 милиони евра.

Првоосомничениот со цел да прикрие други лица издал усна наредба до други организациони единици во МВР да се уништи техничката опрема со изговор дека е застарена.

Претходно СЈО побара сослушување на осомничениот Г.Г., како и претрес во неговиот дом и одредување мерка притвор, што не беше прифатено од судија на претходна постапка.

Основниот суд Скопје 1 денеска соопшти дека издало покана Г.Г. во текот на денешниот ден да се јави во просториите на судот пред судијата на претходна постапка. Во врска со предлогот на обвинителството за притвор, судијата на претходна постапка по сослушување на лицето дополнително ќе донесе одлука.

„Тврдина“ е трет случај што го отвора СЈО, по „Титаник“ во врска со изборни нерегуларности и „Тортура“ за начинот на апсењето на Љубе Бошкоски.