СЈО отвори нов предмет „Тврдина“

30.03.2016 15:30

Специјалното јавно обвинителство информира дека повело истражна постапка за трет случај под име „Тврдина“ поврзана со незаконско следење на комуникациите со користење опрема и уреди за следење кои биле во сопственост на МВР. Специјалното јавно обвинителство сомничи три лица за уништување опрема за прислушување вредна 10 милиони евра...

„Тврдина“ е новиот предмет за кој Специјалното обвинителство отвора истрага. Осомничени се тројца началници од УБК и оперативна техника, поранешен министер за внатрешни работи и вработена во МВР како технички документарист.

Специјалното обвинителство ги сомничи за уништување на опрема за следење на комуникациите. Делото го извршиле пред точно една година, а уништиле еден уред кој бил вон употреба од 2008-ма до 2009-та година, а другиот сѐ уште фунционирал и бил оперативен.

Целта била, велат во обвинителството, прикривање на лица кои неовластено ги користеле ситемите за следење на УБК. Опремата била уништена во отпад, а документацијата за целата постапка, тврдат во обвинителството дека била фалсификувана, и запишана во 2014-та.

„Со умисла помогнати од осомничениот Началник на една од единиците во Управата, ги уништиле системите за следење на комуникации, со што нанеле штета на средствата на државата и Буџетот на Република Македонија во износ од 10 милиони евра или 615 милиони денари. И покрај тоа што се уништени системите за следење на комуникациите, сепак ќе се изнајде механизам преку одредени технички податоци, можеби навистина ќе се утврди кој навистина прислушкувал и да се обезбедат и материјални докази за такво нешто“, изјави обвинителката Ленче Ристовска.

За никој од петмината осомничени, обвинителите од судот не побарале мерка притвор, само одземање на патните исправи, ненапуштање на местото на живеалиште и редовно да се јавуваат во суд. Се товарат за злоупотреба на службената положба и за фалсификување. Од друга страна, откако во јавност последниве денови на социјалните мрежи се објавуваат нелегално прислушувани разговори, во кои се задира и приватноста, обвинителката Катица Јанева со повик до инволвираните. Дел од нив веќе се јавиле како оштетени.

„Ги повикувам засегнатите поединци да дојдат во специјалното обвинителство за да поведеме соодветни кривични постапки “, изјави обвинителката Јанева.

Оваа недела случајот „Тврдина“ е втор што го отвора Специјалното обвинителство.  Претходно беше објавен предметот „Тортура“ кој се однесува на апсењето на Љубе Бошковски и случајот „Титаник“ за изборни нерегуларности.

 

Миле Ристески