Истекува рокот за легализација на дивоградбите
Утре е краен рок за поднесување барања за легализација на диво изградени објекти. Досега во дополнителниот рок пристигнале 50 илјади нови барања, а најголем дел биле поднесени во Гостивар, Струмица, Куманово и во Охрид. Утре службите ќе работат до 20 часот. Во Ѓорче Петров досега биле решени над 80 насто од барањата за легализација...

Педесет илјади нови барања за легализација на дивоградби биле доставени во пролонгираниот рок. Надлежните апелираат да се искористи преостанатото време. Пред крајот на последниот рок, голем број грашани ги добија решенијата.
Министерот Мисајловски, очекува во последните два дена да се зголеми бројот на новите барања. Најмногу нови барања имало во поголемите општини.
„Апелирам секој граѓанин кој има потреба да достави барање да си го фати редот. Утре завршува законскиот рок по што нема да можат да достават дополнително барање. 50 илјади нови барања за легализација на дивоградби се доставени во пролонгираниот рок кој истекува утре, очекувам да се зголеми овој број“, изјави министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.
Општинските служби работат со продолжено работно време.
„За да им излеземе во пресрет на заинтересираните и да им овозможиме на тие што не можат во работно време да дојдат во Општината го продолживме работното време за денеска до 20 часот, а утре ќе работиме од 8 до 24 часот“, рече градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски.
Процесот на легализација на бесправно изградени објекти почна во 2011 година, кога беа доставени над 360.000 барања. Услов за легализација е објектот да е изграден заклучно со 3-ти март 2011-та година. Со законските измени се утврди рок за доставување геодетски елаборати до крајот на следната година.
Дијана Ценевска
