Македонска пошта

Расте бројот на интернет пратките, се подобрува квалитетот на услугите

30.03.2016 16:22

Македонска пошта годишно доставува околу 45 милиони пратки, се зголемува и бројот на интернет пратките. Со новите 120 мопеди се подобруваат условите за работа, се очекува да се подобри и квалитетот на услугите...

Облека, обувки, технички апарати, опрема за домаќинство, се само дел од работите што се нарачуваат преку интернет и стигнувааат во „Македонска пошта“ за достава. Ако пакетот е оштетен, граѓаните реагираат со рекламација. Проблем може да настане и при испораката на меѓународните оператори, велат од Македонска пошта. Тие целосно ги контролираат само за препорачаните пратки и гарантираат за нивната безбедност.

„Имаме над 45 милиони пратки годишно, ако кажам дека поплаките се 0,03% рекламација по однос на тие пратки, односно околу 15 илјади, од кои 90% се позитивно одговорени може да се каже дека гарантираме за сигурноста на пратките“, изјави Гоце Бубулински, заменик директор на „Македонска пошта“.

Граѓаните веќе одамна класичните писма ги заменија со електронски. Поштенските сандачиња сега се полнат само со сметки.

Со подобрување на условите за работа, се очекува да се подобри и квалитетот на доставување на пратките.

„Со квалитетна опрема и со подобар морал, нормално е дека пратките ќе одат со поголема брзина“, изјави Горан Јанакиовски, вработен во „Македонска пошта“.

Лани „Македонска пошта“ ја завршила годината со добивка од 6,2 милиони денари, што е за шест пати повеќе од 2014 година.

 

Сунчица Николоска