Јанева се појави пред Советот, „Маѓар Телеком“ и „Верушевски“ нема да ѝ бидат предадени
Катица Јанева се појави пред Советот на јавни обвинители. Предметите „Маѓар Телеком“ и „Верушевски“ нема да ѝ бидат предадени. Аневски останува на ставот дека со нејзиното однесување го омаловажува на Советот...

Советот на јавни обвинители нема да ги предаде предметите „Маѓар Телеком“ и „Верушевски“, на Специјалното јавно обвинителство. Јанева кратко присуствуваше на седницата на Советот, а во изјавата за медиумите рече дека има надлежност да постапува по предметите. Го известила советот дека нема намера да доаѓа на седниците.
„Го известив Советот дека јас постапувам согласно Законот за СЈО и дека немам обврска да присустувам на нивните седници ниту да образложувам зошто ги преземам овие предмети. Во однос на надлежностите, автономијата на моето постапување е јасно со Законот за СЈО“, изјави обвинителката Катица Јанева.
Предметите „Маѓар Телеком“ и „Верушевски“ веќе се во постапка на Основното јавно обвинителство и во Обвинителството за гонење организиран криминал,изјави претседателот на Советот на јавните обвинители, Аневски. Додаде дека никој не и оспорува на Јанева да отвори нови истраги, но потенцира дека Специјалното јавно обвинителство е надлежно само за предмети согласно со Законот за Јавно обивнителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите од 2008 до 15 јуни 2015 година.
„Кажува дека нема да соработува со Советот, не сака да одговара на прашања, нема да одговори на ниту едно наше прашање. Кажа и- Во иднина да не ме барате, не доаѓам повеќе. Тоа значи дека го омаловажува и понижува Советот на јавни обвинители. Очигледно е дека таа не е надлежна да постапува по овие предмети и со тоа ги пречекорува законските овластувања кои ги има“, изјави Петар Аневски, претседател на Советот на јавни обвинители.
Пред два дена Советот на јавни обвинители даде негативна оценка за извештајот од полугодишната работа на Специјалното обвинителство. Обвинителката Јанева пак, објави дека Специјалното обвинителство презема надлежност врз случајот „Шпион“.
Милчо Велески
