„Амфенол“ ќе отвори трета фабрика во Кочани, бројот на работници ќе достигне 1.300

30.03.2016 16:43

Во гринфилд инвестицијата до крајот на годинава ќе се вработат 550 луѓе. Вкупниот број работници во трите фабрики треба достигне 1.300.

Американската автомобилска компанија „Амфенол“ ќе отвори нова, трета по ред фабрика во Кочани, најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Во гринфилд инвестицијата до крајот на годинава ќе се вработат 550 луѓе. Вкупниот број работници во трите фабрики треба достигне 1.300.

Груевски рече дека му претставува особено задоволство што ова е трета инвестиција на овој гигант, кој  се рангира меѓу првите 500 во светот и којшто по третпат одлучува да инвестира во Македонија, во Кочани и ќе придонесе за намалување на невработеноста.

Невработеноста во Кочани е преполовена во однос на 2006 година во буквална смисла. Во 2006 во Кочани беа регистрирани 11.000 невработени, денес во Кочани има само 5.600 невработени. Половина од невработеноста во Кочани е намалена. Не само заради „Амфенол“ туку заради сите оние кои отворија нови компании или, пак, ги проширија капацитетите и вработија нови луѓе, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски рече дека намалувањето на невработеноста и инвестициите во земјата е долгогодишен негов напор и на неговиот тим.