110 деца во Македонија имаат нарушен раст
Во државава има околу стотина деца со нарушувања на растот кои се лекуваат со хормон за негово поттикнување. Терапијата се финансира од државната каса и е ефикасна само ако навреме се почне- велат педијатрите. Под мотото „Децата имаат кратко време да растат, а цел живот да живеат со резултатите“, одбележан Светскиот ден за подигнување на свесноста за растот кај децата...

110 деца во Македонија имаат нарушен раст и примаат хормон. Има и деца кои сѐ уште чекаат да започнат со лекување. Од Здружението на родители на деца со ендокринолошки заболувања „Раст“ укажуваат на овој здравствен проблем со кој се соочуваат како родители во лекувањето на нивните деца.
Директорот Петровски посочи дека во тековната година економскиот директор на Клиниката за детски болести Ридван Ибраими е главен причинител поради кој децата постојано се соочуваат со проблем и паузирале со терапијата повеќе пати во годината, иако станува збор за терапија која тие ја примаат 365 дена и не смее да се прекине.
Директорот Ридван Ибраими ги отфрла сите обвинувања. Во телефонски разговор кусо ни кажа дека сѐ што е направено досега е во рамките на Законот. Ставот на лекарите е дека навременото поставување на дијагноза кај децата со нарушен раст и соодветно отпочнување со неопходната терапија во раните години овозможува да се постигнат добри резултати.
Терапијата се финансира со пари од државната каса. За оваа година Фондот обезбеди 51 милион денари за хормон за раст за овие деца.
Во рамките на одбележувањето на Светскиот ден за подигнување на свесноста за раст кај децата на Плоштад Македонија се организираше и бесплатно мерење на висината и тежината на сите деца кои сакаат да проверат дали нивната височина е соодветна за возраста.
Ана Јосифоска- Тодоровска
