Втор ден расправа за извештајот на СЈО

22.09.2016 13:39

Продолжи расправата за извештајот на специјалната обвинителка Катица Јанева во собраниската Комисија за политички систем. Вчера Јанева побара продолжување на рокот за истражување на предметите. И денеска некои од пратениците во Комисијата прашаа, зошто ваквите рокови не се побарани пред донесување на законот на ова обвинителство...

Македонија пропуштила да направи едно професионално и функционално специјално јавно обвинителство во ситуација на еден девастиран правосуден систем, истакна на денешната расправа независната пратеничка Солза Грчева.

Што се смени од пред шест месеци па вие дојдовте да го браните Извештајот во Собранието? Се смени тоа што опозицијата го потпиша потполно истиот Избирачки список и потврди дека сите изборни циклуси биле легитимни. Сите разговори од бомбите во врска со избори се однесуваат на изборите во 2013 година, рече Грчева. Пратеничката потенцира дека Јанева требала уште од својот избор да знае дека 18 месеци се премалку време за докажување на такви тешки кривични дела.

Горан Мисовски од НСДП, пак, смета дека СЈО е единствената институција во земјата што ВМРО-ДПМНЕ не може да ја контролира.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ ја праша Јанева да каже кој е нејзиниот личен капацитет, на какви дела работела во судот во Гевгелија, дали работела на дела за злосторничко здружување, за изборни измами, за дела за кои се суди над 5 години затвор, и зошто е поголема штетата што на Македонија и ја нанел Едмонд Темелко, градоначалник на Пустец, од штетата што и ја направил екс разузнавачот Зоран Верушевски.

Посконцентрирано го слушам господинот Милошоски бидејќи го слушам и во незаконски прибавените разговори и знам за неговиот личен капацитет. За мојот личен капацитет, Марко (Зврлевски) ми беше шеф, и нека каже тој, одговори Јанева предизвикувајќи реакции меѓу пратениците.

Седницата на Комисијата е во тек, а како што е најавено ќе трае до вечерните часови имајќи го предвид бројот на пријавени дискутанти. На седницата е присутен и Марко Зврлевски, прв човек на Јавното обвинителство, чиј извештај е исто така на дневен ред.