ЗНМ: Да се укине притворот за Божиновски, кој штрајкува со глад
На прес-конференцијата беше повикана судијката што го води случајот веднаш да го укине притворот...

ЗНМ бара ослободување на Зоран Божиновски, кој во истражниот затвор во Шуто Оризари, пред една недела почнал штрајк со глад. Тој се решил на ваков чекор, поради продолжување на притворот, велат во Здружението.
Како што денеска информира на прес-конференција претседателот на ЗНМ Насер Селамни, Божиновски писмено ја известил управата на затворот за неговата одлука и побарал да го известат неговиот адвокат и народниот правобранител, што до денеска не било направено.
Од ЗНМ изразуваат загриженост за здравствената состојба на Божиновски, кој во изминатите седум дена одбивал да прими храна и вода во затворот и како последица на тоа дневно двапати прима инфузија.
На прес-конференцијата беше повикана судијката што го води случајот веднаш да го укине притворот, во спротивно лично ќе ја сметаат за одговорна за евентуалните последици по здравјето и животот на Божиновски.
