Попоски: Мерките за градење доверба ги подобруваат односите со Грција

23.09.2016 10:31

Во континуитет на нашите средби работиме околу мерките за градење доверба. Постои значително поместување во однос на оние цели кои ги имаме зацртано, но мислам дека имаме постигнато и некое ниво на разбирање дека во услови кога постои едно прашање кое е многу сериозен проблем, вели шефот на дипломатијата...

По средбите меѓу македонските и грчки преставници подобрени се меѓусбените односи, но на повидок сѐ уште нема решение за разликата околу уставното име, вели шефот на дипломатијата Никола Попоски, кој на маргините на 71-то заседание на Генералното собрание на ОН во Њујорк, вчера оствари средба со неговиот грчки колега, Никос Коѕиас.

„Во континуитет на нашите средби работиме околу мерките за градење доверба. Постои значително поместување во однос на оние цели кои ги имаме зацртано, но мислам дека имаме постигнато и некое ниво на разбирање дека во услови кога постои едно прашање кое е многу сериозен проблем, и во кое имаме разидување и различни ставови, најдобро е да се концентрираме на сите останати теми кои не поврзуваат и за кои и Македонија и Грција имаат заеднички стратешки интереси и заеднички гледишта за иднината. Во овој дух течат разговорите, и мислам дека и во овој дух ќе продолжат, бидејќи ова не е период во кој ние би можеле да го решиме долгогодишното најтешко прашање во нашите билатерални односи, но дефинитивно е период во кој можеме да ја зацврстиме перцепцијата за две земји кои имаат нормална соработка и кои во регионот сакаат да креираат позитивна клима“, изјави вицепремиерот и министер за надворешни работи, Никола Попоски. 

Најавата на Европската унија дека има намера да воведе такси за државјани што не се дел од Унијата, а се опфатени со визната либерализација, шефот на македонската дипломатија, на средбата со високи преставници во Њујорк ја оцени како негативен чекор и уназадување на слободното движење.