Јанева ја напушти седницата на Советот на јавни обвинители, се пожали на мобинг

28.09.2016 16:08

Извештајот на Специјалното јавно обвинителство се разгледуваше на седница на Советот на јавни обвинители. Финансиите и предметите- главен фокус на расправата. Јанева не одговори за парите, по три часа расправа ја напушти седницата и се пожали дека била предмет на лични навреди...

„Нема да одговорам на личните навреди, вие вршите мобинг и јас ќе си заминам“. По расправата со професорот Зоран Сулeјманов кој инсистираше на одговори за финансиското работење, специјалната обвинителка Катица Јанева ја напушти седницата на Советот на јавните обвинители. Имате право да прашувате за истрагите, но не и за парите, затоа што имам автономно право да одлучувам кого ќе вработам и колкава плата ќе дадам- рече Јанева. Сулејманов одговори дека автономијата за којашто зборува Јанева се однесува исклучиво за водењето и за бројот на истрагите, но за сите останати прашања мора да даде отчет.

„Личните навреди и вадење прашања од контекст од Извештајот сметам дека нема потреба да ги одговорам и затоа ја напуштив седницата. Но, сметам дека и членови на Советот на јавните обвинители исто така ја напуштија седницата бидејќи не го оправдуваа начинот на кој постапуваше Сулејманов“, рече Јанева.

Политизирате, не давате одговори, играте мајтап- за она што го правите имаме доволно основи да побараме од Собранието ваше разрешување, рече Сулејманов. Претходно, неговите колеги од Советот се интересираа за случајот Шпион, за кој Јанева одговори дека во прислушуваните материјали има многу разговори во кои, како што рече, таргет се обвинетите.

„Задоволна сум од начинот на комуникација со Советот, апсолутно сум изненадена од нивната заинтересираност за работата на СЈО. Се надевам дека ќе ја продлабочиме соработката. Членовите на Советот решија да дојдат да ги посетат просториите на СЈО, каде што согласно нивните овласутвања ќе им бидат покажани и самите материјали кои ги имаме“, рече Јанева.

Сите разговори, рече Јанева се чуваат во специјален трезор до кој, без нејзина согласност никој нема пристап. Побара од Советот да ги поддржи трите барања кои ги испорача до Собранието, за да може, како што рече, да се утврди кој прислушувал и со која намена.

По завршувањето на седницата, од Советот преку соопштение кусо информираа дека присуствувале сите членови и е разгледан извештајот на Специјалното обвинителство, како и дека на истата седница не присуствувал републичкиот обвинител Марко Зврлевски.

 

Анита Димитријевска