Расте бројот на жртви во сообраќајки

30.09.2016 16:21

Бројката на жртвите во сообраќајни несреќи го вклучи алармот кај надлежните институции. Во Македонија до јуни годинава за 5,4 проценти е зголемен бројот на загинати и повредени, во споредба со истиот период лани. Причина во 99 насто од случаите е човечкиот фактор. На првата меѓународна конференција се планира заедничко дејствување за безбеден сообраќај во Југоисточна Европа.

Над милион и 200 илјади луѓе гинат на светските патишта годишно. 50- тина милиони се со потешки повреди. Најмалку жртви во Европа. Во Македонија годинава 109 жртви, за 10 насто повеќе од лани. Целта е бројот на жртвите во сообраќајни незгоди да се намали и приближи до просекот на ЕУ. Состојбата во целиот регион денеска би била далеку подобра доколку навреме бевме дел од Унијата, вели претседателот Ѓорге Иванов.

„Неопходен е холистички пристап и затворање на кругот на одговорност за тоа кој, кога и за што е одговорен. Неопходен е еднаков третман на сите пред законот. Секоја релевантна институција во државите може да придонесе за решавање на овој проблем преку споделување на своите искуства и преку отвореност за прифаќање на добрите практики од сродните институции“, изјави претседателот Иванов.

Експерти од Европа и регионот разменуваат искуства и ставови за неопходност од следење на современите трендови и зголемени контроли и кампањи.  

„90 проценти од несреќите се случуваат во неразвиени земји“, изјави Бенасер Булажул, претседател на Меѓународната безбедност на патиштата.

„Мислиме дека треба да се зголеми контролата, заедно со информативни кампањи, а тоа може да ни помогне да дојдеме до позитивни резултати на краток рок“, смета Антонио Авеносо, извршен директор на Европскиот совет за безбедност во сообраќајот.

„Од овој научен настан треба да произлезат конкретни препораки за идните активности на повеќе надлежни институции и организации, кои треба да бидат преземени на национално ниво, но и препораки за тоа како треба заеднички да дејствуваме за да се намалат сообраќајните незгоди со фатални последици во иднина“, нагласи Стојче Стаменковски, претседател на РСБСП.

Брзото возење, неупотребувањето на безбедносните појаси, возењето во алкохолизирана состојба и новата епидемија- зборувањето на мобилен телефон, за експертите се главните убијци. Франција процентот на жртви го намалила со поставување мобилни и фиксни камери. Македонија ги зајакнува капацитетите и инфраструктурата. 

„Со примена на сепцифична опрема и уреди за следење, контрола и документирање на прекршоците во сообраќајот на патиштата, како и соодветна материјално техничка опременост“, изјави Оливер Андонов, дополнителен- заменик министер за внатрешни работи.

Потребно е, велат експертите, безбедноста во сообраќајот да биде интегриран дел од сите други политики.

 

Наташа Гркова- Петрушевска