Отвореното судење за „Диво насеље“ почна и веднаш заврши
Отвореното судење за „Диво насеље“ почна и веднаш заврши. До одбраната не беше доставен исказот што денешниот сведок го дал за време на истражната постапка, и кој, како што истакна јавната обвинителка, се разликувал од денешниот исказ...

Адвокатите не знаат што зборувал сведокот на обвинителството во истрага, па го побараа записникот. Ова беше причината поради која судот го прекина распитот на кумановецот Мурат Љутвиу, роднина на двајца од обвинетите кој во улога на сведок се појави на рочиштето за случајот „Диво насеље“. Неговиот исказ во истрага значително се разликувал од она што го зборуваше на денешниот главен претрес, па затоа обвинителството побара вкрстено испрашување. Законот тоа го дозволува, објаснија од судот, само ако адвокатите знаат што кажал претходно.
Во судницата не дојдоа и двајцата сведоци кои ги побара обвинителство. Полицијата не ги нашла на адресите кои ги има судот. А не дојде ниту третиот, кој уредно добил покана.
По сослушување на сведоците на обвинителството, судот ќе ги распраша и оние на одбраната. Засега не се знае кој ќе сведочи во корист на обвинетите, но не се исклучува можноста на пултот за распит да застанат и политичари, велат адвокатите.
Случајот „Диво насеље“ брои 37 обвинети за тероризам и за помагање кои тврдат дека не се виновни. Во кумановскиот терористички инцидент од 9 и 10 мај минатата година животот го загубија 8 припадници на македонската полиција, а повеќе од 40 беа ранети.
Анита Димитријевска
