Ховит: Политичарите да го поддржат СЈО

03.10.2016 15:19

Поддршка за Специјалното јавно обвинителство од сите потписнички на Пржинскиот договор и формирање специјално судско одделение за случаите што произлегуваат од прислушуваните разговори. Ова е пораката што од Скопје ја испрати Ричард Ховит, британскиот европратеник и поранешен известувач за Македонија. Очекува нова условена препорака за земјава за почеток на преговорите со Европската унија...

По примерот на Одделот за организиран криминал, потребно е да се формира посебно одделение во рамки на Кривичниот суд кое ќе постапува по предметите на СЈО – предложи европратеникот Ричард Ховит. Ова ќе придонесе, смета досегашниот известувач за Македонија, тимот на обвинителката Јанева непречено да работи. Ги повика политичките партии, потписнички на договорот од Пржино, да ја поддржат работата на СЈО и да ги усвојат барањата на Јанева со посебен акцент на Законот за заштита на сведоците.

Кога ќе се оддржат изборите, смета Ховит е одлука на домашните, а не на европските политичари и додава дека изборите се од круцијална важност за земјата. Можна е промена на власта, но на избори кои ја одразуваат реалната волја на граѓаните, смета европратеникот. Се надева дека Уставниот суд нема да го укине СЈО, но тврди дека добил уверување од политичарите дека ако тоа се случи, во Собранието ќе се донесе закон со кој специјалното обвинителство ќе продолжи да работи. За европратеникот, продлабочувањето на политичката криза не е без последици за Македонија.

Досегашниот европски известувач за Македонија вели дека следниот месец ќе биде објавен Извештајот на ЕК и дека и оваа година Македонија ќе добие условена покана за членство.

Анита Димитријевска