Безбедносниот систем на апарати за вештачко дишење

03.10.2016 16:11

Реформа на безбедносниот систем со граѓански надзор врз работата на тајните служби. Ова се некои од сугестиите на експертите што се слушнаа на дебата во Скопје. Беше потенцирано дека отсуството на цивилна контрола е рак рана за македонската демократија. Ресорниот министерот оцени дека безбедноста на земјава е добра иако, вели, постојат ризици.

Безбедносниот систем на земјава е на апарати за вештачко дишење. Не дава соодветен одговор на загрозувањата, па потребно му е ресетирање, смета Марјан Ѓуровски од Факултетот за безбедност. Според него неопходни се реформи на тајните служби и одвојување на Одделот за следење на комуникациите како посебно тело каде одлуките ќе ги носи Собранието и судот. Но, пред сѐ, смета Ѓуровски потребна е  департизација на раководните структури на службите.

„Сите политички двигатели треба да ја напуштат практиката во секоја политичка криза да се инволвира безбедносниот ситем и тој од тие кризи да излегува ранет, понеефикасен, разединет и поделен. Субординација и едностарешинство е клуч во безбедносниот менаџмент“, смета Ѓуровски.

Ресорниот министер, Спасовски потстетувајќи на минатогодинешниот мигрански бран, и на августовските поплави кога природата за еден миг одзеде триесетина наши сограѓани, рече дека немаме право на опуштање или на потпирање на некакви други фактори или видови на помош, зашто најважно е, смета Спасовски, времето за да се процени, да се предупреди и да се дејствува.

„Она што ни се случуваше со елементарната непогода во Скопје покажа и укажа на сериозни слабости во делување на системот за превенција и системот на заштита и спасување. Според мое длабоко убедување, мора да се фокусираме кон натамошна изградба на флексибилен, ефикасен, технички модернизиран концепт на безбедност на институционално ниво, способен првенствено за валидно евидентирање, анализа и проценување на заканите, како и на мултиинституционален систем за соодветен одговор на истите“, изјави Спасовски.

Спасовски нагласи дека државата мора да биде заштитена, но, не од граѓаните, туку во интерес на граѓаните.

Дека значењето на граѓанскиот сектор во справувањето со кризите е големо посочо и генералнит секретар на Црвениот крст, Саит Саити.

„Време е науката да ги слушне мислењата што произлегуваат од практиката. Не треба да се заборава во рамките на безбедносниот систем еден многу важен сегмент. Треба да се земе предви цивилното општетсво. Сметам дека има простор за подобрување односно доизградување на безбедносниот систем особено во услови на зачестени елементарни непогоди, како и други ризици“, рече Саити.

Оценката на ресорниот министер е дека во моментов состојбата во земјава е мирна и стабилна.

 

Фиљана Кока