21 година мистерија
И по повеќе од две децении нема никаква трага која би довела до нарачителите на атентатот на Киро Глигоров, првиот претседател по независноста на земјава. И сегашниот министер на полицијата како и неговите претходници само констатира дека на случајот се работи, но и натаму е без разрешница. Глигоров го преживеа нападот, загина неговиот возач и телохранителот како и случаен минувач...

21 година по обидот за атентат врз претседателот Киро Глигоров прашањата кој го нарача и кои се извршителите сѐ уште се неодговорени. Шпекулациите за граѓаните се сѐ уште актуелни, кому пречеше Глигоров- еден ден по службената посета на Белград, во пресрет на потпишувањето на привремената спогодба со Грција. Глигоров го преживеа атентатот, загина неговиот возач, подоцна на повредите подлегна и неговиот телохранител и случаен минувач.
Автомобил Ами-8 со експлозив и вреќи со песок за да ја насочат експлозијата беше детониран во момент кога претседателското возило минувало покрај паркираниот автомобил- бомба. Претседателот Глигоров се здоби со сериозни повреди. Сѐ уште се тврди дека истрагата по атентатот е спроведена со многу пропусти.
„Се случи грозоморен атентат на претседателот на државата, до денеска не е откриен сторителот. Се уште овој предмет е отворен и нормално е дека се работи во однос на овој дел, меѓутоа немаме завршница во делот на откривањето“, изјави министерот за внатрешни Оливер Спасовски.
Според официјалните полициски информации, во врска со атентатот биле легитимирани 188.250 лица, се извршила контрола на 115.000 моторни возила, биле претресени 18.929 граѓани и 30.850 возила. Во исто време биле прегледани 15.000 објекти.
Мултигруп, братиславска врска, поранешни воено- полициски структури, служби од соседството, беа дел од шпекулациите за можни нарачатели на атентатот врз првиот македонски претседател. Сепак, ништо досега од истрагата.
Велот на тајната сѐ уште го обвива атентатот. Глигоров по неколку месеци од настанот се врати на работните обврски, беше претседател до 1999-та. Почина на 1 јануари 2012 година на 94 години.
Миле Ристески
