Јолевски- Катич: Поддршка од Словенија за евро-атлантските интеграции на Македонија
Словенечката министерка за одбрана Андреја Катич е во официјална посета на земјава. Таа денеска се сретна со министерот за одбрана Зоран Јолевски, а попладне ќе биде примена од претседателот Ѓорге Иванов. Утре во Скопје ќе биде промовирана заедничката медицинска единица на Армиите на Македонија, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора. Штабот на оваа единица подржана од норвешкото министерство за одбрана и наменета за мировните операции ќе биде во Скопје...

Словенија дава безрезервна поддршка за македонските евроинтегративни процеси. Министерката за одбрана Катич потенцира дека Македонија одигра клучна улога во однос на бегалската криза. Македонскиот и словенечкиот министер за одбрана се согласија дека е потребна соработка на земјите од таканаречената балканска рута. 8 словенечки полицајци се дел од мешовитите патроли распоредени долж јужната граница кон Грција. Јолевски и Катич оценија дека соработката меѓу двете министерства и армии е на високо ниво.
„Се радувам што Република Словенија го презеде водството на Канцеларијата на НАТО и ќе продолжи со помагање на Македонија во нејзините евро-атлантски интеграции“, изјави министерката за одбрана на Словенија, Катич.
Доказ за тоа дека Словенија е партнер и поддржувач на нашето членство во НАТО е и именувањето на новиот шеф на канцеларијата на НАТО во Скопје, нагласи министерот Јолевски. Земјите од регионот мора да соработуваат и да разменуваат информации во однос на безбедносната ситуација, смета македонскиот министер за одбрана.
„Сите земји од регионот внимателно ги следиме настаните поврзани со мигрантската криза и ја искажавме нашата определба да разменуваме мислења, да соработуваме и координираме во справувањето со овој предизвик согласно со заклучоците на Европската Комисија од октомври минатата година“, рече министерот за одбрана Јолевски.
Македонија,Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора партиципираат со свој персонал во балканските медицински сили. Целта на проектот е изградба на регионални медицински капацитети способни за брз одговор во природни катастрофи и меѓународни операции. Штабот, кој утре и свечено ќе се отвори, ќе биде сместен во касарната Илинден во Скопје. Командувањето со единиците ќе биде на принципот на ротација.
Милчо Велески
