Собранието не ги усвои предлозите за измена на законот на СЈО и за заштита на сведоци
Со 36 гласови „за“ и 54 „против“ од вкупно 90 пратеници, не помина предлогот за измена на Законот за Специјалното јавно обвинителство и за заштита на сведоци...

Во Собранието, парламентарното мнозинство гласаше против донесувањето на измени на законите за СЈО и за заштитени сведоци во итна постапка. Шилегов од СДСМ побара поддршка за усвојување, поради како што рече, надминување на двегодишната политичка криза.
„Поддршката на овој закон во себе содржи сериозни политички пораки. СЈО е орган кој проилезе како резултат на договорот од Пржино и треба со својот ангажман и својот придонес да помогне во надминувањето на сериозната државна, општествена, политичка криза со која живееме изминативе две години“, рече Шилегов.
Законите до Собранието беа предложени од страна на опозицијата, а во нив се вградени барањата на специјалната обвинителка Катица Јанева што таа ги изнесе на седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, кога на дневен ред беше Извештајот на СЈО.
Од ВМРО-ДПМНЕ претходно информираа дека воопшто нема да прифатат разгледување на какво било барање и предлог што е надвор од Законот за Специјалното јавно обвинителство, утврден од четирите партии согласно со договорот од Пржино.
