Нов начин на оценување на учениците кои учат по Кембриџ програмата
Ќе се менува начинот на кој ќе се оценуваат учениците кои учат според Кембриџ програмата. Експертите од реномираниот Британски универзитет ќе ги обучуваат македонските наставници, а со новите методи и вештини, учениците ќе ја добијат оценката која ја заслужуваат. Овој проект финансиран од европските образовни програми, ќе трае три години...

Ќе се менува начинот на кој се оценуваат основците и средношколците што учат по програмата Кембриџ. Советниците во Бирото за образование, а потоа и наставниците ќе поминат низ обука за стекнување нови вештини и критериуми по предметите метематика и природни науки. Според надлежните целта е учениците да ја добијат заслужената оценка.
Ќе бидат изготвени прирачници и правилници од кои ќе се спроведува обуката за развивање нови педагошки практики и оценување од наставниците.
Тригодишниот проект е финансиран од програмата на „Еразмус плус“ за поддршка и развој на образованието со грант од 150.000 евра. Оттаму очекуваат наставниците да се стекнат со нови знаења и вештини.
Проектот е поддржан од Европската унија во соработка со центарот Кембриџ.
Викторија Милевска
