Македонија и Чешка ја продлабочуваат соработката во одбраната

12.10.2016 15:00

Потпишан договорот за 2017-та. Јолевски и Стропницки разговарале и за мигрантската и бегалската криза. Чешки полицајци се дел од мешовитите патроли распоредени по должината на јужната граница со Грција...

Македонија одигрува многу комплексна улога во запирањето на мигрантската криза и затоа, нема да ја оставиме сама. Кога е неопходно ќе обезбедиме соодветна помош во опрема и во луѓе, изјави министерот за одбрана на Чешката Република, Стропницки по средбата со неговиот домаќин Јолевски.

Можниот нов мигрантски бран услови подготовка на повеќе сценарија. За тоа е неопходно во законодавниот дом да се донесе одлука за продолжување на вонредната состојба на јужната и на северната македонска граница, што веќе е предложено од Владата, посочи министерот Јолевски.

Стропницки, кој е дел од министрите од влијателната Вишеградска група на земји, потполно ја поддржува евроатлантската аспирација на Македонија. Шефовите на одбраната разговарале и за актуелната безбедносна состојба во регионот, а во министерството беше потпишан и договор за соработка за наредната година.

Пред утрешната посета на јужната граница кај Гевгелија, каде што заедно со македонската полиција и војска, патролираат речиси една година и чешките полицајци, министерот за одбрана Стропницки се сретна и со претседателот Ѓорге Иванов.

 

Зоран Богатинов