Иванов до фудбалерите: Направивте фудбалско востание во Македонија

12.10.2016 15:54

„На 11-ти октомври направивте фудбалско востание во Македонија. Да биде сплотени и да продолжите со успесите, веруваме во вас“- рече претседателот на Македонија, Иванов, на примемот на младите фудбалски репрезентативци. Тие, кога е во прашање фудбалот, направија историски подвиг на репрезентативен план. За првпат, обезбедија учество на едно Европско првенство. Фудбалерите со порака: лимиетот не ни е тука...

Младите фудбалери не можеа да ја сокријат радоста ниту солзите од синоќешниот историски успех. Со „Бисер Балкански“ и „Излези момче“, играјќи го македонското оро ги прославија триумфот и празникот.

Овој 11-ти октомври ќе го паметат засекогаш. Тие на Македонија ѝ го дадоа најголемиот подарок. Првпат во историјата нашиот фудбал ќе се игра на европски терен. Вчера славеа тие, славеше и цела Македонија.

Ден потоа се сумираат впечатоците, се слави успехот, а до фудбалерите стигнуваат многубројни честитки. „Направивте фудбалско востание и сите не израдувавте, вие сте симбол за она што доаѓа“- со овие зборови претседателот Иванов ги пречека фудбалерите во Вилата Водно.

Им посака успех и им порача дека целиот македонски народ е со нив. Младинците велат дека поминале уште една непреспана ноќ- измешана со многу возбуда и емоции. За нив сѐ уште е нереален вчерашниот ден. Натпреварот на „Филип Втори“, велат го одигравме како во бунило. Благодарни се за огромната поддршка на трибините и од целата нација.

Селекторот Милевски, горд на своите момчиња најави дека со овој успех, македонскиот фудбал испишува нова историја и почнува нова ера.

Историскиот успех на фудбалерите им го честиташе и премиерот Емил Димитриев. Симболично младинската репрезентација помина и низ триумфалната порта.

 

Викторија Милевска