Сѐ уште треба да се работи на полето на родова еднаквост
Во Македонија има напредок кога се во прашање еднаквите можности меѓу мажите и жените, но сѐ уште треба да се работи на ова поле- констатираше надлежната собраниска комисија. Пример каде се констатирани прекршувања на женските права, се работните односи...

Генералната цел на стратегијата за родова еднаквост која што треба да се спроведе до 2020 година е да се овозможи заштита на жените од сите видови дискриминација и родово базирано насилство. Ова е еден од заклучоците на ресорната собраниска комисија. Според претставникот на Министерството за образование и наука постои висока вклученост на жените во сите степени на образование, но, се уште има простор за напредок. Во однос на здравствената заштита, од ресорното министерство тврдат дека добро функционираат превентини мерки.
Во областа на трудовото законодавство и социјалната заштита се постигнати одредени резултати, меѓутоа констатирани се и натаму форми на дискриминација на жените особено во областа на работните односи и вработувањето.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Кузмановска, посочи дека комисијата ќе ги разгледа сите случаи на дискриминаторски однос кон жените и ќе донесе соодветни препораки до сите надлежни институции.
На Комисијата особено беше ставен акцентот на спречување на стапување во брак на малолетни девојки, како и на раѓање на рана возраст за максимално да се заштити физичкото и емотивното здравје на децата и малолетничките.
Во светот, како што беше изнесено од истражувањето на УНДП, една од седум девојки стапуваат во брак на возраст од 14-18 години, додека околу 20.000 девојки на возраст под 18 години се породуваат секојдневно на глобално ниво.
Игор Панов
