Инфоден за потпрограмите „Култура“ и „Медиа“ на ЕУ-програмата „Креативна Европа“
Македонија меѓу шесте водечки земји на програмата „Креативна Европа“. Заинтересираните претставници на институции од културата на дводневниот инфоден ќе може да се информираат за начинот за аплицирање и можностите што ги нуди „Креативна Европа 2014-2020“ и да слушнат разни изскуства...

Македонскиот издавачки сектор, кој успешно ги користеше фондовите од ЕУ програмата „Култура 2007-2013“ е најуспешен корисник и во потпрограмата „Култура“ на „Креативна Европа“. Според министерката за култура, тоа ја лоцира Македонија меѓу шесте водечки земји на програмата заедно со Бугарија, Словенија, Унгарија, Србија и Италија. Бројот на поддржани проекти и преку новата програма „Креативна Европа“ исто така бележи одлични резултати истакна Канческа- Милевска.
„Нашите национални установи, невладини организации и издавачки куќи овие две години учествуваа во 26 проекти, кои од потпрограмата „Култура“ на „Креативна Европа“ се поддржани со повеќе од еден милион евра. Станува збор за осум проекти за културна соработка, 14 проекти за литературни преводи, учество во еден проект за европски платформи, а три македонски организации се активно вклучени и во категоријата на професионални европски мрежи“, изајви министерката за култира, Елизабета Канческа- Милевска.
Македонија во јули минатата година официјално пристапи кон потпрограмата „Медиа“, а од април годинава е отворена и канцеларија (Медиа-деск) во склоп на Агенцијата за филм на РМ. Досега се поддржани три проекти со вкупен грант од 123.000 евра.
„Организирани се инфоденови, презентации и мастер-класи за „Медиа“ во рамки на Скопскиот филмски фестивал, ИФФК „Браќа Манаки“ и на „Македокс“, претставување во Бугарија и на Канскиот фестивал, на Сараевскиот филмски фестивал, учество на онлајн кампања за 25 години од постоењето на „Медиа“, а ќе следуваат и други консултативни сесии со македонски филмски работници и продуценти и со претставници на канцелариите за потпрограмата „Медиа“ на други земји“, рече Мими Ѓоргоска- Илиевска, директор на Агенцијата за филм.
Заинтересираните претставници на институции од културата на дводневниот инфо-ден ќе може да се информираат за начинот за аплицирање и можностите што ги нуди „Креативна Европа 2014-2020“ и да ги слушнат искуствата на претставници од Словенија и од Велика Британија.
Ана Јосифоска- Тодоровска
