Хан: Важно е условите за одржување кредибилни избори да бидат исполнети

13.10.2016 14:46

Еврокомесарот Јоханес Хан утре доаѓа во Македонија. Од Брисел порача- важно е условите за одржување кредибилни избори да бидат исполнети и граѓаните слободно да учествуваат. На агендата средби со премиерот Димитриев, со лидерите на четирите политички партии, со Специјалната обвинителка и со претставници на граѓаското општество...

„Важно е условите за одржување на кредибилни избори да бидат исполнети и граѓаните да можат слободно да учествуваат“- ова е пораката што ја испрати еврокомесарот Јоханес Хан, на само еден ден пред пристигнувањето во Скопје. Најавени се средби со лидерите на четирите најголеми политички партии, со специјалната обвинетелка и со претставниците од невладиниот сектор.

Во соопштението од неговиот кабинет стои и дека договорот постигнат минатото лето од страна на сите главни политички партии и поставувањето на датумот на изборите за во декември е добар чекор. Сепак, ова е само почеток, наведува Хан во писмената изјава и додава „исто така со нетрпение очекуваме да слушнеме од специјалниот јавен обвинител за тоа како нејзината работа напредува и за предизвиците со кои се соочува“. Сето ова е клучно за земјата да направи одржлив напредок на својот пат кон Европската Унија- се заклучува во соопштението на Европската комисија.

На утрешните средби фокусот ќе се задржи на подготовките при организирањето на предвремените парламентарни избори и на забрзување на итните реформски приоритети.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ