Собраниски обвинувања: Кој бега од избори?

13.10.2016 15:51

Според СДСМ, владејачките партии бегаат од избори. ВМРО ДПМНЕ со став– веднаш по гласањето на буџетот, целата коалиција ќе гласа за распуштање на Собранието. Од ДУИ велат- два пати баравте да има избори па ги одложувавте...

Процедурални собраниски обвинувања- кој бега од избори?! Расправата ја отвори координаторот на СДСМ Сугарески, кој смета дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со вчерашните потези избегале од распуштање на Собранието. Рече дека власта го лажела народот со тврдењето дека буџетот мора да се донесе бидејќи е важен за обезбедување плати и пензии.

Никој па ни вие не верувате во приказната дека ВМРО-ДПМНЕ бега од избори- реплицираше Илија Димовски. Талат Џафери, пак, ги нарече „крчма без крчмар“ барањата за распуштање на Парламентот и партиските соопштенија.

По ова Социјал- демократите ја напуштија работата на пленарната седница, со образложение дека со неколкуте предлог- законски решенија коалициските партнери си вработуваат партиски кадри. Претходно мнозинството го одби предлогот на Павле Трајанов за законските измени што ги бараше обинителката Јанева.

СДСМ вчера бараше Собранието веднаш да се распушти. ВМРО-ДПМНЕ ја поздрави иницијативата, но пресече спикерот Вељаноски. Преку соопштение објави дека на седницата за буџетот закажана за в понеделник, втора точка ќе биде распуштање на Парламентот.

 

Миле Ристески