Кризната состојба на јужната граница продолжена до 30 јуни 2017

13.10.2016 15:55

За шест месеци е продолжен рокот на кризната состојба на јужната граница поради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти. Предлогот доби зелено светло од народните избраници...

Кризната состојба на јужната граница продолжена до 30 јуни идната година. Шест месечното продолжување е поради зголемениот број мигранти што се обидуваат да влезат во Македонија, и покрај затворањето на балканската рута, стои во образложението од Владата. Целта е да се обезбеди и континуитет во вршењето на активностите на армијата и на полицијата во функција на обезбедување, заштита и чување на државната граница. Против одлуката гласаше ДУИ. По договорот Турција-ЕУ, според Талат Џафери, во Грција нема бегалски кампови, а во државава останале околу 1.300 мигранти. Смета дека поради изборите, иако веројатно до 10 јануари нема да има нов парламентарен состав, Владата може да го продолжи кризниот период, доколку има потреба за тоа.

Солза Грчева смета дека според проценките може да се очекува нов мигрантски бран и дека постои опасност Турција да ги отвори границите за мигрантите кон Европската унија. Кога има кризна состојба, вели, не се штеди на буџетот.

Не се знае колку ќе опстане договорот меѓу Турција и Унијата, вели Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ. Додаде дека влегуваме во изборен процес, и не треба да се остава ваакум простор. Армијата мора да остане на јужната граница.

Со последната одлука, рокот на траење на кризната ситуација на јужната граница е до 31-ви декември годинава. Првпат беше прогласена на 19-ти август лани, по што претседателот Иванов донесе указ за ангажирање на Армијата.

 

Милчо Велески