Мигрантска криза: Безбедносните сили подготвени за сите можни сценарија

13.10.2016 16:40

Денеска, во посета на јужната граница беа министрите за одбрана на Македонија и Чешката Република, Јолевски и Стропницки. Оценето е дека безбедносните сили добро се справуваат со ситуацијата на терен. Јолевски уверува дека Армијата е подготвена за сите можни сценарија...

Нема гаранција дека не би се соочиле со нов поголем мигрантски бран, вели министерот за одбрана Јолевски. Дециден е, треба да бидеме подготвени да се соочиме со сите предизвици. Армијата и натаму останува на јужната граница. Генералштабот има развиено стратегија. Војската е поставена на 4 локации во гевгелиска област.

„Како Армија сме целосно подготвени за сите можни сценарија. Имаме развиено планови и логистички сме подготвени да одговориме соодветно доколку се зголеми бројот на мигранти на нашата граница. Тоа ќе зависи од имплементацијата на договорот меѓу ЕУ и Турција. Како сериозна држава треба да бидеме подготвени за секакво сценарио“, вели министерот за одбрана, Зоран Јолевски.

Чешкиот министер за одбрана Стропницки смета дека треба да ѝ се помогне на Македонија со материјални средства и човечки ресурси. Вели, не е коректно ниту праведно да биде оставена сама . Чешкиот министер е согласен дека заедничката соработка на ова поле треба да продолжи во иднина, пред сѐ во подготовките за пролетниот бран мигранти.

„Сега актуелен проблем е мигрантската криза и ние сме многу задоволни од ангажманот на АРМ, особено во одбраната на територијата на ЕУ. Не е праведно Македонија да биде оставена сама во оваа тешка состојба во која се наоѓа од другите членки“, рече Мартин Стропницки, министер за одбрана на Чешката Република.

Јолевски и Стропницки беа и во обиколка на Прифатниот транзитен центар Гевгелија и граничниот камен 59 каде што будно се обезбедува македонско- грчката граница од евентуален нов бегалски бран.

 

Наташа Гркова- Петрушевска