Македонија останува посветена на интегративните процеси во ЕУ и НАТО
Македонија останува целосно посветена на интегративните процеси во ЕУ и НАТО, став на министрите за надворешни, внатрешни и за одбрана на Македонија, Поповски, Спасовски и Јолевски. Согласни се дека членството во НАТО и ЕУ нема алтернатива...

Земјава се покажа како доверлив и кредибилен партнер во решавањето на мигрантската криза. Неопходно е заедничко справување и со тероризмот, економската нестабилност, климатските промени, несигурноста во делот на енергетското снабдување, единствени во ставот министрите за надворешни, внатрешни и за одбрана. Во глобалната стратегија за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, се размислува за Македонија како за рамноправен партнер во рамките на ЕУ, нагласи Попоски.
„Ова е дополнителна мотивација за наше поголемо поврзување со безбедносните структури во рамките на ЕУ и за поголем интензитет на размена на информации, подобри обуки на нашите државни службеници и подготовка за она што следува“, изјави министерот Попоски.
Спасовски порача дека земјите од Западниот Балкан мора заедно со Европската Унија да работат на устројување на сите капацитети, што би било од заедничка корист.
„Европската унија пак, ќе мора уште поинтензивно и поодговорно да се зафати со конципирање на нови одговори кон сите политички и безбедносни предизвици притоа динамизирајќи го и заокружувајќи процесот на целосно интегрирана Европа, без никакви исклучоци и задршки“, рече министерот Спасовски.
„Република Македонија соодветно се постави и даде сериозен придонес во надминувањето на предизвиците со кој се соочува Европа“, изајви министерот Јолевски.
Напредокот на Република Македонија во интегративните процеси во НАТО и во ЕУ ќе придонесе за зајакнување на стабилноста не само на Република Македонја, туку и на регионот и пошироко, беше истакнато на конференцијата во Скопје.
Наташа Гркова- Петрушевска
