Хан: Изборите се важни, реформите остануваат приоритет
Еврокомесарот Јоханес Хан ги заокружи средбите во Македонија, со политичката четворка, специјалната обвинителка, невладините. Порача, изборите се важни за враќање на земјава на евроатлантскиот пат, но рече дека исто така, е важно да се спроведат и приоритетите од извештајот на Прибе. Побара кредибилен изборен процес и поддршка за Специјалното обвинителство...

Изборите се важни, но важни се и деновите после нив. Приоритетни остануваат ургентните реформи што ги бара Европската унија од земјава. Ова е главната порака на еврокомесарот Хан, кој ја даде по средбите во Скопје. Сепак, порача, Брисел будно ги следи подготовките за 11-ти декември.
„Важно е да имате добро подготвени и спроведени избори, за да не може никој да ги критикува. После изборите ќе има извештај на ОБСЕ/ОДХР за целиот нивен тек“, изјави еврокомесарот Хан.
Хан упати јасна порака да не се злопотребува работата на Специјалното јавно обвинителство, но не одговори дали добил ветување или пак, инсистирал да се донесат двата закони кои ги бараше Јанева. Рече дека по средбата со неа бил убеден дека таа може да си ја сработи работата.
„Секој дел од судството, а особено овде Специјалниот обвинител, мора да работи непристрасно. Се сретнав со неа денеска, важно е таа да ги употреби сите можни механизми што ги има на располагање и нејзината работа не треба да се попречува“, нагласи Хан.
Еврокомесарот јасно нагласи дека е охрабрен што од неколкуте препораки на Прибе, имало напредок во медиумите, што, како што рече, медиумите правично ги застапуваат сите политички партии. Како позитивен чекор го истакна и прочистувањето на избирачкиот список. Оцени дека Државната изборна комисија ќе работи професионално на дадените задачи. Заклучи дека дека после две години политичка криза во земјава, лошата ситуација се одразила на целото општество и на економијата.
Катерина Топалова
